Македонија Премиерот Груевски се сретна со хрватскиот министер за одбрана Котромановиќ

Премиерот Груевски се сретна со хрватскиот министер за одбрана Котромановиќ

Премиерот Никола Груевски оствари средба со министерот за одбрана на Република Хрватска, Анте Котромановиќ.

На средбата беа поздравени одличните односи помеѓу двете земји, кои се развиваат во духот на пријателството, соработката и на меѓусебното почитување.

Соговорниците разменија мислења на повеќе теми од различни области, кои се од интерес за понатамошно унапредување на односите, акцентирајќи ја соработката на проекти на полето на одбраната.

Премиерот Груевски ги истакна реформите и мерките што се преземаат за унапредување на стандардите на полето на одбраната. Тој истакна дека членството во НАТО претставува стратегиска определба и дека Република Македонија зема активно учество во мировните мисии на НАТО и претставува активен партнер во исполнување на функциите и на целите на Алијансата.

Министерот за одбрана Котромановиќ истакна дека Република Хрватска активно го поддржува членството на Република Македонија во НАТО, подвлекувајќи дека државата ги исполнува стандардите и високите критериуми за целосно членство. Тој посочи дека Република Хрватска дава целосна поддршка на активностите за реализација на проекти што ќе придонесат за зајакнување на регионалната соработка и за напредок на регионот.

Беше разговарано и за подготвеноста и за можноста за интензивна соработка во однос на повеќе конкретни проекти, како што е соработка во однос на Центарот за обука на пилоти и за образованието на кадри од областа на одбраната.