Подглавна секција Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, икона за многумина, најави дека се...

Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, икона за многумина, најави дека се повлекува

Џасинда Ардерн се обраќа на настан во декември 2022 г. | Фото: Pseudopanax at English Wikipedia, Јавен домејн, Викимедија комонс

Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, која беше пофалена за начинот на кој се справи со најтрагичниот случај на масовен вооружен напад и раните фази на пандемијата на коронавирус, во четвртокот најави дека ќе се повлече од функцијата, објави „Асошиејтед прес“.

Ардерн се соочува со зголемени политички притисоци дома и злонамерни критики што не беа случај за претходните лидери на Нов Зеланд. Сепак, нејзината објава беше шокантна за луѓето низ целата земја од 5 милиони луѓе.

Трудејќи се да ги сопре солзите, Ардерн им рече на новинарите дека 7 февруари ќе биде нејзиниот последен ден како премиерка.

„Сега влегувам во мојата шеста година на функцијата и за секоја од тие години дадов апсолутно сè од себе“, рече таа. Ардерн стана инспирација за жените ширум светот откако за прв пат ја освои премиерската функција во 2017 година на релативно млада возраст од 37 години.

За многумина, таа беше антитеза на американскиот претседател Доналд Трамп.

„Не заминувам затоа што беше тешко. Да беше така, веројатно ќе заминев два месеци откако дојдов на функција“, рече таа. „Заминувам затоа што со таква привилегирана улога доаѓа и голема одговорност. Одговорност да знаете кога сте вистинската личност да бидете лидер, а исто така и кога не сте“. Таа рече дека нејзиното време на функција било исполнето, но предизвикувачко. „Знам што е потребно за оваа работа и знам дека веќе немам доволно во резервоарот за да го правам тоа како што треба. Толку е едноставно“, рече таа.