Македонија Прекинат сообраќајот на патниот правец Кочани – Македонска Каменица поради големи одрони

Прекинат сообраќајот на патниот правец Кочани – Македонска Каменица поради големи одрони

На патниот правец Кочани – Македонска Каменица, поради големи одрони од камења, сообраќајот е во целосен прекин за секаков вид моторни возила. Сообраќајот се пренасочува преку Виница – Пехчево – Делчево.

Во општина Делчево сè уште за сообраќај е затворен мостот на река Брегалница помеѓу селата Разловци и Тработивиште и сообраќајот се одвива по стариот пат од село Разловци кон Делчево. Во општина Пробиштип, поради свлечиште, и понатаму е во прекин сообраќајот за сите видови моторни возила на патниот правец Киселица – Злетово. Возилата се пренасочени од Киселица – Пробиштип – Леговец – Злетово.

На патниот правец Катланово – Велес, по наплатната станица Сопот, поради можен одрон, сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од 200 метри. Поставена е соодветна сообраќајна сигнализација. На патниот правец Страцин – Крива Паланка, на излез од Страцин во правец на Крива Паланка, поради свлечиште, зафатена е третата лента од коловозот во должина од 150 метри. Поставена е соодветна сообраќајна сигнализација.

Според информациите добиени од ЈП „Македонија пат“, сообраќајот на сите останати државни патишта се одвива без забрани, по претежно суви коловози. Поради ниските температури во текот на ноќта, на некои места можна е појава на голомразица.

Од АМСМ препорачуваат исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево, Виница – Берово, каде е можна почеста појава на одрони.