Македонија Правоаголната фонтана на плоштадот, пуштена во употреба

Правоаголната фонтана на плоштадот, пуштена во употреба

Правоаголната фонтаната на плоштадот Македонија денеска беше пуштена во употреба. Фонтаната е со димензии 20 на 10 метри и со вкопано армирано бетонско корито. Површината врз коритото е изработена од светлосиви гранитни плочи со димензии 60 на 60 сантиметри и со дебелина од 10 сантиметри.

На плочите од фонтаната се поставени ЛЕД-светилки со отвори за вградување млазник. Фонтаната  ја сочинуваат 128 млазници со 128 светилки. Визуелниот ефект на фонтаната ќе се постигне со игра на млазевите, а навечер и со игра на светлата.

Водата што прска од млазниците ќе понира меѓу плочите и ќе се враќа во системот. Атмосферските води од партерот, преку каналетки, ќе се одведуваат преку постојната атмосферска мрежа.

Освен новата, во употреба е пуштена и фонтаната под споменикот на Воинот на коњ.

Проектот за изградба на површинската фонтана и за реконструкција на партерот на плоштадот Македонија е на Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови – Прилеп, а на терен работеа екипите на градежната компанија „Трансмет“ од Скопје. Овој проект, според најавите, чини околу 150 милиони денари, од кои Град Скопје обезбеди една третина, а Владата на Република Македонија – две третини.