Македонија Пратениците наместо за Комисијата за избори и за именувања, расправаат за студентите

Пратениците наместо за Комисијата за избори и за именувања, расправаат за студентите

Претседавачот на конститутивната седница на Собранието, Трајко Вељаноски, во неполни два часа откако почна седницата, двапати даде пауза, а претходно неколкупати ги замоли пратениците да се откажат од процедуралните забелешки и да се сконцентрираат на расправата.

Пратеникот Ферид Мухиќ рече дека веќе станало мода да се дискутира на непримерен начин.

– Тоа се пренесува врз граѓаните, постои трансфер на таа негативна енергија. Се восхитувам колку сме колегијални и срдечни надвор од оваа просторија, но тоа граѓаните не го гледаат – рече Мухиќ.

Џеват Адеми од ДУИ нагласи дека тоа што се случува изминатите неколку дена во Собранието ќе се учи во некој учебник по политичка теорија.

– Во книгите по политичка теорија ќе се учи дека партија која нема парламентарно мнозинство одбива да направи мирна транзиција на власта и дека не го прифаќа новото парламентарно мнозинство. ВМРО-ДПМНЕ нема да има претседател на Собрание затоа што ги нема бројките, нема 61 пратеник. Тоа се основни лекции по демократија – рече Адеми.

Пратениците, наместо за изборот на членови и на претседател на Комисијата за избори и за именувања, денеска најмногу дебатираа за студентите, нивните услови во студентските домови, при што меѓусебно се обвинуваа кој направил повеќе, а кој помалку за младите во државата.

– Морам да кажам дека кога вашите усти се полни со народ, историја, патриотизам и притоа го кршите деловникот и опструирате избор на претседател на Собрание, со тоа се однесувате неодговорно и правите опасни преседани. Младите луѓе си заминуваат од Македонија. Тоа е ваша етичка, морална, политичка, родителска одговорност – рече Ивана Туфегџиќ од СДСМ.

На ова реплицираше Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека ќе ја прифател забелешката за иселувањето на младите доколку Куманово не била општината од каде што се иселувале најмногу млади, а Струмица не била општината од каде што најмногу жители имале бугарски пасоши.