Македонија Пратениците на СДСМ сè уште чекаат да влезат во комисиите

Пратениците на СДСМ сè уште чекаат да влезат во комисиите

Седници на четири собраниски комисии се закажани за денеска, а пратениците на СДСМ нема да бидат дел од ниту една.

Како што објаснува Горан Сугаревски, координатор на пратеничката група на СДСМ, „новите“ пратеници сè уште не се членови на комисиите.

Сугаревски вели дека не му е јасно зошто сè уште не се изгласани новите членови на комисиите затоа што, како што вели, предлозите за претседатели и за членови на комисиите ги доставиле уште вчера.

– Ние вчера ги поднесовме сите предлози и, колку што знам, практиката е веднаш да се свика Комисија за избори и за именувања за да ги утврди предлозите, но тоа сè уште не е направено. Мислат дека така можат да го кочат исполнувањето на Договорот од Пржино – вели координаторот.

Сугаревски додава дека ако денеска не се закаже седница на Комисијата за избори и за именувања, која треба да ги потврди претседателите и членови на комисиите, нивната пратеничка група ќе излезе со реакција.

По повеќе од една година пауза, пратеничката група на СДСМ во Собранието се врати во вторникот, на 1 септември.

Се очекуваше пратениците веднаш да почнат со работа, а враќањето на опозицијата го поздрави и Европската комисија.

Портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчич, рече дека сега е време да почне да се работи на реформските приоритети во интерес на целата земја.