Македонија Пратениците денеска ќе ги гласаат реформските закони

Пратениците денеска ќе ги гласаат реформските закони

По гласањето за интерпелацијата за владата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ, денеска на дневен ред во Собранието се реформските закони кои се носат со двотретинско мнозинство. На собраниската расправа и гласање ќе бидат присутни и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои четири месеци ја бојкотираа собраниската работа, но најавија дека ќе ги поддржат законите од планот „3-6-9“ на владата.

На дневен ред на 34. седница е реформскиот Закон за судовите, на 35-та се дополнувањата на Законот за јавното обвинителство и Законот за кривична постапка, во второ читање, а на 22. седница има една заостаната точка, измени и дополнувања на законот за Заштита на сведоци, по скратена постапка.

Закажана е и 41. седница на која на дневен ред се дополнетите предлози на законите за Оперативно – техничка агенција и на законот за следење на комуникациите, двата во второ читање.

Реформските закони ќе се гласаат во пресрет на објавувањето на Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата на 17 април.