Македонија Пожарот кај манастирот „Трескавец“ повторно активен, соопшти ЦУК

Пожарот кај манастирот „Трескавец“ повторно активен, соопшти ЦУК

Пожарот во близина на манастирот „Трескавец“ и населените места Мажучиште, Мараморани и Горно Село, повторно е активен, а на терен се екипи на прилепската територијална противпожарна единица и месното население кои се обидуваат да го локализираат огнот, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Од ЦУК соопштуваат дека активен е и пожарот кај местото Фрлогоец на Бистра Планина, каде гори сува трева и смрека и ниско стеблеста деградирана дабова шума. На терен се наоѓа екипа на Шумското стопанство „Лопушник“ кое презема мерки за локализирање на пожарот.

Активни се и пожарите кај селата Растеш, Заград и Волче, во општина Македонски Брод.

„Пожарот во атарот на село Грешница во моментов е под контрола и е обиколен со заштитен појас. Во средината гори деградирана нискостеблеста шума. На пожарот во атарот на село Грешница ангажирани се лица од Шумското стопанство Македонски Брод. Појавен е шумски пожар во планинскиот дел близу село Богојци во правецот кон селото Татеши. Пожарот е активен и зафатена е нискостеблеста и дабова шума. На негово гаснење дејствуваат екипи на ТППЕ-Струга и ЈСШП ‘Јабланица’ – Струга“, соопшти ЦУК.