Македонија Повторно пожар во близина на Велешкото езеро, гори и во Скопско

Повторно пожар во близина на Велешкото езеро, гори и во Скопско

Од Центарот за управување со кризи велат дека двата пожара се исклучително сериозни

Извор на фотографија: Дарко Димитриевски, преземено со дозвола

Голем пожар над велешката населба Отовица му се заканува на езерото Младост. Пожарот се шири во три правци, а гори боровата шума над наплатната рампа на автопатот Велес-Скопје, велат граѓани кои се присутни на лице место.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека за кратко ќе полета Ер трактор на Дирекцијата за заштита и спасување и полициски хеликоптер за да учествуваат во гаснење на пожарот во близина на Велешкото езеро. 

Инаку, ова не е прв пожар во близина на езерото Младост. Пред неколку години, во голем пожар изгоре речиси целата шума лоцирана околу езерото, а под опасност беа ставени и хотелски објекти што се наоѓаат на крајбрежјето.

Од ЦУК попладнево соопштија дека голем пожар во моментов има и помеѓу скопските села Бучинци, Миладиновци и Групино. Од ЦУК двата пожари во Велешко и Скопско ги оквалификуваат како исклучително сериозни.