Македонија Повеќе од илјада гласачи ги нема во избирачки список, информираат од „Цивил“

Повеќе од илјада гласачи ги нема во избирачки список, информираат од „Цивил“

Повеќе од илјада гласачи досега не успеале да гласаат затоа што ги нема во избирачкиот список, информираше граѓанската организација „Цивил“ на прес-конференција.

Претседателот на „Цивил“, Џабир Дерала, истакна дека имало прекршување на изборниот молк како во урбаните така и во руралните средини. Набљудувачите на „Цивил“ забележале и сериозен притисок врз граѓаните по телефон, а се вршело агитирање и на улица.

Било забележано и семејно и групно гласање, како и организирано транспортирање на гласачи.

Дерала истакна дека во скопската општина Сарај е забележано полнење на гласачки кутии и дека имаат потврда оти е гласано во име на четворица починати гласачи.

Нивните набљудувачи, исто така, забележале дека гласачите кои не биле најдени во избирачкиот список, не знаеле што да прават понатаму.

Членовите на избирачките одбори не знаеле каде да ги упатат или, пак, ги упатувале во општинските изборни комисии.

Од „Цивил“ апелираа до Државната изборна комисија да се обидат да им помогнат на овие гласачи за да си го остварат гласачкото право.