Македонија Повеќе од 10.000 граѓани се разболеле од грип оваа сезона

Повеќе од 10.000 граѓани се разболеле од грип оваа сезона

Последната недела регистрирани 2.059 новозаболени лица од грип. Од почетокот на сезоната досега има 10.545. Во споредба со бројот на заболени во седмата недела од минатата сезона, оваа година се бележи намалување за 48,2 проценти, а намалување постои и во однос на просечниот број на заболени за истата недела во изминатиот десетгодишен период, кое изнесува 19,2 отсто, пренесе „Здравство24“.

Заболени лица за целата оваа сезона се пријавени речиси во сите градови. Грипосани нема само во Берово. По градови, најмногу има во Тетово – 1.805 (17,1 отсто), Скопје – 1.747, Куманово – 1.498 и во Прилеп – 785. Мината недела во вирусолошката лабораторија на Институтот за јавно здравство пристигнаа осум нови материјали за тестирање на грип, од кои шест се позитивни за присуство на вирусот на инфлуенца (два на инфлуенца А и четири на инфлуенца Б).

Од почетокот на сезоната 2014/2015, во вирусолошката лабораторија на Институтот анализирани се вкупно 98 хумани материјали од амбулантски и од болнички лекувани пациенти, добиени од здравствените установи, од кои 31, или 31,6 проценти, биле позитивни на вирусот на инфлуенца.