Дописници Потрага по нови архитектонски решенија за двата плоштади во Охрид

Потрага по нови архитектонски решенија за двата плоштади во Охрид

Охриѓани ќе ги разубавуваат двата свои плоштади: централниот, Свети Климент Охридски, и малиот плоштад, Крушевска Република, кај многувековното дрво – стариот охридски чинар. За тоа, Општина Охрид, веќе распиша конкурс за избор на идејно архитектонско решение за партерно и за хротикултурно уредување, кој трае до 22 декември.

Уредувањето на двата плоштади ќе придонесе за создавање плоштади со амбиентален стил, кои ќе овозможат поефикасна организација на манифестации и ќе овозможат уживање во прошетките на граѓаните и на туристите.

Потребата од уредување е показател за степенот на развој на урбаната култура на населението, но, исто така, и потреба од дополнување на содржините што ќе создадат убави, модерни катчиња и понуда која во текот на целата година ќе ги привлекува домашните и странските посетители, образложуваат од локалната самоуправа во Охрид.

Организаторите појаснуваат дека и покрај привлечноста, сè уште недостигаат квалитетни содржини за создавање модерно урбано катче и понуда која во текот на целата година ќе ги првлекува домашните и странски посетители.

Целта на овој конкурс е изработка на идејно архитектонско решение со кое ќе се добие едно усогласено, интегрално партерно решение на градски плоштад, се образложува во јавниот конкурс.

Организаторите пропишаа и награди. Првата награда за најдобро идејно решение е во висина од 80.000 денари, втората – 25.000 денари, а третата – 20.000 денари. Наградите, истовремено, ќе претставуваат и откуп на авторските права и обештетување на авторите во целост.