Економија Порталб: Јавни претпријатија со десетици илајди вработени и милионски долгови, ќе се...

Порталб: Јавни претпријатија со десетици илајди вработени и милионски долгови, ќе се стави ли контрола врз работењето

фото: Архива на Мета

Високо котираат на листата „најголеми работодавачи“, постизборно со децении се во улога на „згрижувачи“ на партиски кадар, а од друга страна генерираат милионски долгови. Дел од јавните претпријатија, и на локално и на централно ниво не успеаја да се реорганизираат и европеизираат од сите аспекти, пишува неделната економска анализа на „Порталб.мк“.

Најавата за приватизација или јавно приватно партнерство на дел од сегашанитејавни претпријатија кои се загубари, го отвори горливото прашање – ќе смогне ли државата конечно да стави крај на сегашната работа на проблематичните претпријатија?

Дури 62 проценти од јавните претпријатија формирани од Владата и државните фирми се во минус

На централно ниво Владата е сопственик на 14 јавни претпријатија и 15 трговски друштва – дури 18 од нив или 62 проценти прикажале загуба заклучно со првото полугодие од годинава.

Според висината на загубата на прво место со 16,1 милион евра е АД „Електрани на Северна Македонија“, загуба од 3,2 милиони евра прикажала државната МЕПСО, а на трето место со загуба од 2,2 милиони евра е АД „М-НАВ“. Овие компании генерално ги правдаат ваквите финанасиски показатели поради ковид-19 кризата и тие не се наоѓаат на должничните листи на УЈП и на Министерството за финансии како должници за неплатени даноци или придонеси по основ на плати. Напротив, дел од овие фирми и во време на здравствена криза поделија средства на вработените како К-15 а платите во голем број случаи се над државниот просек.

Сепак, во друштво со овие компании се и оние кои го носат белегот на „хронични загубари“. Така АД „ МЖ- Транспорт“ – Скопје прикажува загуба од 2 милиони евра, ЈП „Национални шуми“ – Скопје 1,3 милиони евра, ЈП „МЖ- инфраструктура“ на крајот од јуни пријавува минус од 808 000 евра, АД „ Водстопанство на Р.С Македонија“ – Скопје 500.000 евра, ЈП „ Злетовица“ – Пробиштип скоро 600.000 евра, АД „За изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор“ со минус од 700.000 евра.

Интересно е дека на оваа листа е и АД „Пошта на Р.С Македонија“, но за неа не се објавени показатели за приходите и расходите во првото економско полугодие, па оттука кај графата загуба/добивка е напишано „00“. Лани „Пошта“ пријавила загуба од еден милион евра. Наспроти државните фирми и јавни претпријатија формирани од Владата кои прикажале загуби, првите шест месеци од годинава биле профитабилни за 11, меѓу нив JРП„ Национална Радиотелевизија“, АД „ Државна лотарија“, ЈП „Службен весник“, АД „ Национални енергетски ресурси“ или НЕР.

Јавните претпријатија – на должничките листи и во УЈП и во Министеството за финансии 

Неплатени придонеси по основ на плата, неплатени даноци – по овие основи голем дел од должниците кои се на листата на УЈП се јавни претпријатија и државни фирми, но не само на централно туку и на локално ниво.

Така во првите дваесет должници се гостиварски „Комуналец“ кој должи и за ДДВ и по основ на придонеси за плата – со вкупен долг од 3,6 милиони евра заклучно со септември годинава.

Високо котира и ЈП „За одржување на магистрални и регионални патишта“ со долг од 3,4 милиони евра, „Национални шуми“ со 2,7 милиони евра долг за даноци, ЈП „Комунално претпријатие“ -Тетово со долг од 2,5 милиони евра, а на оваа листа со години е и државата фирма „11 Октомври – Еурокомпозит“, Прилеп со долг од 900.000 евра.

Токму за „Еурокомпозит“, заедно со „Македонски железници“, ТЕЦ „Неготино“ и „Пошта“, Владата најави дека ќе се бара решение – приватизација или јавно приватно партнерство.

„Порталб“ веќе анализираше дека јавните претпријатија се високо на листата должници со доспеани, а не платени обврски и на Министерството за финансии – па така милионски долгови пријавило и Јавното комунално претпријатие „Тетово“ во износ од цели 4 милиони евра, Јавното претпријатие „Водовод Охрид“ со 1,2 милиони евра, ЈП „Водовод и канализација“– Струга со доспеани, а не платени обврски во износ од 1,1 милион евра, Јавното комунално претпријатие „Кичево“ со долг од скоро 960.000 евра, ЈП – „Комуналец“- Свети Николе со близу 800.000 заклучно со јуни годинава.

Дел од јавните претпријатија и дел од државните фирми, кои, иако тонат во загуби сепак – претставуваат адреса за вработување по партиски клуч, и воедно, високо котираат според бројот на вработени. Според информациите од Регистерот на вработени во јавниот сектор, во 2019 та година само во акционерските друштва во државна сопственост, вкупно се вработени 8.800 лица, од кои 8.545 на неопределено време, 83 на определено време и 172 преку агенции за привремени вработувања.

Во земјава и на локално и на централно ниво има 141 јавно претпријатие и таму во 2019 година биле вработени 18.026 вработени.