Економија Поради политичката криза, ќе запрат странските кредити

Поради политичката криза, ќе запрат странските кредити

Поради политичката криза, меѓународните финансиски институции ќе ги запрат кредитите за Македонија пишува „Призма“.

Дипломатски извори од Скопје велат дека Светска банка ја прекинала втората фаза од Програмата за подобрување на општинските услуги во Македонија, со која требаше да се обезбедат заеми за 57 општини за инвестиции во инфраструктурата, како што се снабдување со вода, канализација, управување со цврст отпад, локални патишта, подобрување на енергетската ефикасност на општинските згради и друга општинска инфраструктура со висок приоритет.

Одборот на директори на Светска банка дал вакви инструкции откако неколку земји членки на оваа меѓународна финансиска институција го побарале тоа.

„Одборот на директори на Светска банка даде инструкции во Скопје да не се продолжува втората фаза од програмата додека не се одржат веродостојни избори во земјата“, велат дипломатски извори.

Кај меѓународните кредитори имало сериозни сомнежи за начинот на трошењето на парите, откако и Специјалното јавно обвинителство јавно обелодени дека има наоди дека голема сума пари од државната каса се одлеала во приватни џебови.