Економија Попова: Жерновски потроши рекордни 1,2 милиони евра за две улички

Попова: Жерновски потроши рекордни 1,2 милиони евра за две улички

Мрзеливиот Андреј Жерновски ги заборави и не ги реализираше своите проекти и ветувања што ги даде во 2013 година, а беа содржани во неговата предизборна програма, обвини денеска на прес-конференција Ирена Попова од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа истакна дека „Жерновски е единствениот градоначалник кој нема ништо сработено во својот мандат, кој ќе биде единствено запаметен како градоначалник кој за уредување на две улички има потрошено рекордни 1,2 милиони евра, пари на граѓаните на Општина Центар“.

– Денеска сакаме да го потсетиме Жерновски на сите лажни ветувања што ги даде пред граѓаните на Општина Центар, а можеше да ги реализира со овие 1,2 милиони евра. Изградба на ново училиште во Капиштец и тоа во првата година од мандатот, но поминаа веќе четири години, а училиште сè уште нема; поставување на енергетски ефикасни фасади на основните училишта; изградба на безбедни училишни премини и обезбедување персонал за безбедно поминување на учениците. Ветуваше, бесплатни правни совети, бесплатна достава на прехранбени продукти, бесплатна достава на лекови, ништо од ова не оствари – вели Попова.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека „наместо реализирање проекти, Жерновски реши да си прави боемски улици и забави за свои потреби“.