Дописници Попова Шапка пред прагот на скијачката сезона

Попова Шапка пред прагот на скијачката сезона

Триесетината сантиметри снег што викендов наврнаа на Попова Шапка, не беа доволно за официјален почеток на скијачката сезона. Од раководството на центарот велат дека е потребен нов снежен нанос од десетина сантиметри, за да можат добро да се подготват патеките со механизацијата.

– Се надеваме дека во наредните 10 дена ќе паднат нови количества снег. Оваа скијачка сезона, како и минатата, ќе работат шест ски-лифтови и две жичници. Очекуваме успешна сезона – вели Петре Димитриевски, раководител на ски-центарот на Попова Шапка.

Туристите што денеска ја посетија Попова Шапка велат дека центарот не бележи никаков напредок. Секоја сезона е како претходната. Недостига основна инфраструктура за да се привлечат гости.

– Најважно е да се направи паркиралиште за да не мора автомобилите да ги оставаме на улица и потоа да пешачиме некогаш и по половина час за да стигнеме до центарот – вели еден турист.

Друг посетител, пак, додава дека се потребни нови жичници и ски-лифтови бидејќи постојните се стари и по половина век, бавни се и небезбедни.

Централната власт неколку години наназад ветува дека Попова Шапка ќе прерасне во модерен туристички центар. За таа цел има изработено и мастер-план, кој вклучува изградба на големо паркиралиште, модерна шестоседна жичница, нов хотел со бањски центар и сноуборд-парк. Но, од ветеното, на терен досега ништо не е реализирано.

З.Д.