Дописници Поплавениот манастир во Пелагонија, ќе добие крст висок 30 метри

Поплавениот манастир во Пелагонија, ќе добие крст висок 30 метри

Манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“, кој оваа пролет по големите поплави во Пелагонија една недела беше два метри под вода, ќе добие метален крст висок 30 метри, налик на крстот на Водно.

Манастирот сè уште ги носи последиците од бесните води на Црна Река, дамките од влага на фреските постојано се појавуваат, како и оштетувањата на надворешниот дел од објектот.

Но, обновата и изградбата на манастирскиот комплекс продолжува со подигнувањето на висок метален крст, кој ќе биде осветлен и озвучен. Како што велат луѓето од манастирскиот одбор, тој ќе се гледа од сите страни на Пелагонија.

– До крајот на годината ќе заврши изградбата на крстот, тој е донација на ФОД-Битола и ќе чини околу 52.000 евра. Крстот ќе биде осветлен и озвучен така што богослужбите ќе можат да ги чујат и верниците од другата страна на границата со Грција – вели за „Мета“, Вељо Танатаров, претседател на управниот одбор на манастирот.

Во исто време, до манастирот се гради и голем објект за венчавки и за крштевки.

Според Танатаров, „Куќата на мајка Марија за свадби и крштевки“ ќе располага со 540 квадратни метри и главен спонзор за негова изградба е ЗК „Пелагонија“ од Битола. Досега од спонзори во овој манастир се вложени повеќе од половина милион евра.

Единствениот пелагониски манастир и оваа година е најпопуларен за свадби и за крштевки за децата и за внуците на печалбарите од Австралија и од Европа кои потекнуваат од пелагонискиот крај.