Дописници Поплавата во Тетовско го уништи и рекреативното место Бањиче

Поплавата во Тетовско го уништи и рекреативното место Бањиче

Од големите наноси од камења и од земја што ги донесе реката Пена, по големото невреме кое го зафати Тетовско, настрада и рекреативното место Бањиче. Оштетени се угостителските објекти, уништен е патот, однесен е мостот, затрупани се и изворите со минерална лековита вода, од која граѓаните секојдневно полнеа и ја употребуваа за разни болести. Веќе не постојат ниту машката ниту женската бања, каде се лекуваа луѓето од кожни болести.

– Ова беше едно од неколкуте места што тетовци ги користеа за одмор и за рекреација. Мора властите да преземат некои мерки и да го вратат сјајот на оваа природна убавина – вели жител на Тетово.

Од невремето оштетени се и решеткастите брани, кои беа превенција во случај на поплави. На браните кои ги запираат наносите од камење и од земја при излевање на реката, има наталожено големо количество ѓубре.

Во Тетовско полека се стабилизира состојбата. Исчистени се главните патишта во Голема и во Мала Речица, се очекува за неколку дена да бида прооден и магистралниот пат Тетово – Јажинце. Проблемот со водоснабдувањето во Голема Речица и во Шипковица сè уште не е решен, поради големите дефекти на водоснабдителните системи во овие две села.

Под урнатините, жителите од Шипковица заедно со Армијата на Македонија, сè уште го бараат шестгодишното девојче Дрита Амети од Шипковица.