Дописници ПОПГМ им дава целосна поддршка на студентите и на средношколците

ПОПГМ им дава целосна поддршка на студентите и на средношколците

Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија (ПОПГМ) им искажа целосна поддршка на средношколците и на студентите за нивните барања и за неприфаќањето на Законот за образование донесен од МОН.

„Законот беше експресно донесен, без да ги сослушаат вашите барања и образложенија. Законот, исто така, експресно беше повлечен и, за жал, само пролонгиран“, се вели во писменото соопштение.

Обраќајќи се до средношколците, студентите, членови на средношколскиот и на студентскиот пленум, како и до сите младинци, раководството на ПОПГМ, во името на своето членство и на поддржувачите, ја поддржува нивната решителност за остварување на правата кои само ним им припаѓаат.

„Покажавте разум, зрелост и мудрост, многу поголема од оние кои требаа да креираат ефикасни и квалитетни реформи, а паднаа токму на тоа. Како ваши родители, баби и дедовци, роднини и пријатели, а потоа, членови на Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија, стоиме зад вас во одбивањето на наметнатите, нелогични и непродуктивни реформи. Овие самобендисани послушници и партиски „војници“, кои никогаш не биле спроти вас во училниците, кабинетите, на предавања, вежби, матурски и на студентски испити, ниту на вашите дружења и забави, се осмелија, без да ги сослушаат вашите аргументи, да ви наметнат државен испит и задолжително полагање математика на матура“, се вели во писменото соопштение на Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија (ПОПГМ).