Хроника Полицијата откри 13 мигранти кај Струмица

Полицијата откри 13 мигранти кај Струмица

Тринаесет мигранти синоќа се откриени при мешана полициска контрола од граничниот премин „Богородица“, соопшти МВР.

Синоќа во 20,00 часот од страна на патрола од униформирани полициски службеници од полициската станица за гранично преминување и граничен надзор „Богородица“ и униформирани полициски службеници од Република Хрватска на автопатот Гевгелија – Скопје во близина на бензинската пумпа од правец кон село Удово биле забележани две сомнителни патнички моторни возила, „опел вектра“ со штипски регистарски ознаки и „форд мондео“ со гевгелиски регистарски ознаки.

Како што се навеедува во соопштението, патролата им дала светлосен и звучен знак на возилата да застанат, но тие со зголемена брзина се упатиле по регионалниот пат кон Струмица. На раскрсницата кај село Раборци го промениле правецот на движење по што се упатиле кон село Попчево. Во 20,45 часот на шумскиот пат во близина на браната во село Водоча, возачот на возилото „форд мондео“ излегол од возилото додека истото било во движење и се качил во „опелот“, кој бил во близина, и со голема брзина се упатиле кон село Водоча-Струмица.

При претресот на возилото „форд мондео“ пронајдени се 10 мигранти и уште тројца мигранти кои биле во непосредната околина. Тие се однесени во полициската станица за граничен надзор и граничен премин „Богородица“ за понатамошна постапка.