Македонија Полицијата му поднесе прекршочна пријава на Саша Богдановиќ

Полицијата му поднесе прекршочна пријава на Саша Богдановиќ

Полицијата поднела прекршочна пријава против директорот на ЈП „Паркинзи – Центар“, Саша Богдановиќ, бидејќи, како што информираат од МВР, „ги попречувал полициските службеници во вршењето на службените дејства“ по завршувањето на кошаркарскиот натпревар меѓу тимовите на „Работнички“ и на „МЗТ Скопје“.

„Околу 21.45 часот, пред влезот на спортска сала „Градски парк“, по завршување на кошаркарскиот натпревар помеѓу КК „Работнички“ и КК „МЗТ“, од полициски службеник на лицето С.С. (29) му било укажано да се оддалечи од службениот влез на салата, по што истиот почнал да го омаловажува полицискиот службеник со навредливи зборови и притоа одбил да се легитимира. При обидот истиот да биде приведен, се вмешал и С.Б. (30) и ги попречувал полициските службеници во вршењето на службените дејства“, стои во официјалната информација на МВР за настанот.

Богдановиќ денеска, во изјава за медиумите, рече дека без никаква причина бил тепан и приведен од полицијата.

– Кога прашав зошто мора да се применува сила, ме легнаа на земја, со неколку удари по глава. Потоа ме кренаа и ме однесоа во најблиското полициско комби. Ме држеа 10-15 минути и потоа ме спроведоа во полициската станица Беко. Никој од полицајците не знаеше зошто сме задржани и зошто сме приведени. Ни беше кажано од началникот дека мора да нè приведат и потоа, без причина, без да ни дадат некакво образложение, нè држеа три часа и ни напишаа прекршочна пријава – изјави Богдановиќ.