Забава Полицијата го исмејала на „Твитер“

Полицијата го исмејала на „Твитер“

Ванкуверската полиција има смисла за хумор, барем одвреме-навреме, пишува „Глоуб анд мејл“.

Полицијата на својот профил на „Твитер“ неделава објави две фотографии кои прикажуваат „ламборџини хуракан“ модел за 2015 година, фатен за пребрзо возење, поради што е натоварен на камион.

Очигледно дека пишувањето казна за возачот и поставувањето на фотографијата на социјалната мрежа не било доволно за полицијата, па тие истовремено ставиле и текст кој како да е направен за реклама за „Мастеркард“, пишува канадскиот весник.

„Ламборџини – 275.000 долари. Казна за пречекорување на ограничената брзина – 368 долари. Гледањето како вашиот спортски автомобил заминува на седум дена – непроценливо“.

„Ламборџини хуракан“ брзина од 0 до 100 километри на час постигнува за 3,2 секунди, а максималната брзина му изнесува 325 километри на час.

Триесетгодишниот возач бил запрен бидејќи возел со 102 километри на час на улица на која ограничувањето на брзината е 50 км/час!