Хроника Полицаец повреден при тепчка меѓу навивачите на „Вардар“ и на „Шкендија“

Полицаец повреден при тепчка меѓу навивачите на „Вардар“ и на „Шкендија“

Полицаец доби повреди во пределот на главата откако полицијата интервенираше на вчерашната тепачка меѓу навивачките групи на фудбалските клубови „Вардар“ и „Шкендија“ кај градскиот стадион во Тетово.

Како што соопшти портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски, инцидентот настанал откако група од 30-40 навивачи на „Вардар“, околу 13.30 часот, пристигнале и сакале да влезат на стадионот каде се играл куп-натпреварот помеѓу „Ренова“ од Џепчиште и „Вардар“ од Скопје.

– Организаторот не ѝ дозволил на групата да влезе на стадионот. Во меѓувреме, во нивна близина се собрале повеќе навивачи на „Шкендија“. Помеѓу двете групи почнале расправии и меѓусебни фрлања со камења и со шишиња. Со интервенција на полицијата бил спречен физички контакт меѓу двете групи. При тоа еден полицаец бил удрен по главата и веднаш бил префлен во тетовската клиничка болница, од каде по укажаната помош бил пуштен на домашно лекување – соопшти Јосифовски.

Полицијата привела тројца навивачи на „Вардар“, кои по извршените разговори биле пуштени и по расчистувањето на случајот ќе се соочат со соодветни поднесоци. Полицијата сè уште работи на откривање на идентитетот на лицето што го повредило полицаецот.