Хроника Полицаец нападнал членови на комисијата оти ќерка му не го положила возачкиот...

Полицаец нападнал членови на комисијата оти ќерка му не го положила возачкиот испит

Полицаец од полициската станица во Кавадарци вчера им се заканувал на претседателката на испитниот центар на Здружението на возачи – Велес и на уште еден вработен дека ќе ги убие со пиштол, а потоа и физички ги нападнал бидејќи неговата ќерка не го положила возачкиот испит.

Како што информираат од МВР, полицаецот Ј.К. вчера околу пладне влегол во испитниот центар и почнал да ѝ се заканува на претседателката С.Н. (41). Пред да излезе од канцеларијата, тој се заканил дека со пиштол ќе ги убие С.Н., нејзиниот колега Ц.П. и другите од комисијата, доколку неговата ќерка не го положи возачкиот испит.

По кратко време, според полицијата, тој повторно се вратил во канцеларијата и физички ги нападнал С.Н. и Ц.П., кои со помош на нивна колешка успеале да го отргнат полицаецот и да го изнесат во ходникот, каде тој продолжил да се заканува дека ќе оди да го земе пиштолот за да ги убие.

По пријавата за случајот и по преземените мерки, полициски екипи на својот колега Ј.К. му го одзеле службеното оружје и муницијата. Против него, како што информираат од МВР, ќе биде поднесена кривична пријава за насилство, а за случајот бил известен и одделот за внатрешна контрола, криминалистички работи и професионални стандарди.