Македонија Политички партии ги поддржаа барањата на граѓанскиот сектор за подобро општество

Политички партии ги поддржаа барањата на граѓанскиот сектор за подобро општество

Неколку граѓански организации во рамки на проектот „Градење на социјална кохезија од темел нагоре: Денот потоа“ на Фондацијата „Фридрих Еберт“ изработија документ со конкретни барања за унапредување на состојбите во општеството.

Барањата на граѓанските организации ги поддржаа неколку политички партии. На документот се потпишаа Радмила Шекеринска од СДСМ, Лилјана Поповска од ДОМ, Павле Трајанов од ДС, Стојанче Ангелов од Достоинство и Андреј Јованчевски од Левица.

Претставниците на политичките партии се обврзаа дека доколку дојдат на власт на изборите на 11 декември, ќе помогнат во реализација на барањата на граѓанските организации.

– Станува збор за еден документ во кој се содржани сите сегменти од општеството за кои граѓанските организации и граѓанството во целина ќе бараат понатаму заложби од партиите, по изборите. Партиите треба и декларативно, но и да потпишат дека ќе се заложат за она што ние сме го констатирале во документот и дека ќе го спроведат препораките што се содржани во секое поглавје – вели Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет.

Невена Смилевска од Центарот за истражување и информирање за животна средина „Екосвест“ вели дека во однос на загадувањето, сите краткорочни и среднорочни мерки би требало да го намалат загадувањето, особено оние кои се во делот на енергетскиот сектор.

Пред претставниците на политичките партии денеска беа претставени барањата од областа на демократијата, човековите права и на животната средина, а в понеделник ќе бидат изнесени ставовите во делот на економијата и на социјалната држава.