Подглавна секција Полициски рации во Берлин, се вршат претреси во домови на поддржувачи на...

Полициски рации во Берлин, се вршат претреси во домови на поддржувачи на Хамас

Дејноста на овие организации на територијата на Германија беше забранета од владата на почетокот на месецот. Продолжуваме со нашата доследна акција против радикалните исламисти, рече министерката за внатрешни работи Ненси Фезер.

Фото: Paul Zinken/dpa

Повеќе од 300 полицајци учествуваат во рации утринава против две забранети палестински организации во Берлин, соопшти германската новинска агенција ДПА.

Полицијата извршила претрес на 11 згради во главниот град, изјави претставник на градската управа. Во други делови од земјата, имало рации на уште четири места.

Полицијата извршила претрес на простории во провинциите Долна Саксонија, Северна Рајна-Вестфалија и Шлезвиг-Холштајн. Акцијата е поврзана со забраната на терористичката организација Хамас и меѓународната мрежа за помош на палестинските затвореници Самидун.

Дејноста на овие организации на територијата на Германија беше забранета од владата на почетокот на месецот.

„Продолжуваме со нашата доследна акција против радикалните исламисти“, рече министерката за внатрешни работи Ненси Фезер.

На 2 ноември, владата го забрани Самидун и воведе дополнителни мерки за ограничување на поддршката за Хамас, палестинска исламистичка милитантна група која веќе беше прогласена за терористичка организација од Европската Унија.

„Со забраната на Хамас и Самидун во Германија, испративме јасна порака дека нема да толерираме никакво величење или поддршка на варварскиот терор на Хамас во Израел“, рече Фезер.

„Самидун, како меѓународна мрежа, шири антиизраелска и антиеврејска пропаганда, под превезот дека е „солидарна организација“ со затворениците во различни земји“, рече таа.

Според забраната, имотот на групите може да биде конфискуван, а секое онлајн присуство или активност на социјалните мрежи е забрането.

Секој кој продолжува да работи за овие организации, прави кривично дело, пишува германската новинска агенција.