Македонија Полицаец од Крушево исфрлил во ѓубре доверливи документи

Полицаец од Крушево исфрлил во ѓубре доверливи документи

Полицискиот службеник З.Н. земал дел од кутиите со службени материјали, меѓу кои имало и документи со одреден степен на класификација, и ги фрлил во приколка на јавното претпријатие „Комуна“, која во тој момент вршела редовно подигање на смет, со што уништил книги или спис што му припаѓаат на државен орган ОВР Крушево

Фото: The image was posted by Birgit Böllinger on Pixabay

Полициски службеник од Крушево исфрлил во ѓубре службени материјали сместени во картонски кутии, а меѓу кои имало и документи со одреден степен на класификација, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

„На 20 февруари, во гаражата на ОВР Крушево, каде што биле одложени на чување службени материјали за чување во картонски кутии, полицискиот службеник З.Н. земал дел од кутиите со службени материјали, меѓу кои имало и документи со одреден степен на класификација, и ги фрлил во приколка на јавното претпријатие „Комуна“, која во тој момент вршела редовно подигање на смет, со што уништил книги или спис што му припаѓаат на државен орган ОВР Крушево“, наведено е во соопштението од МВР.

Оттаму информираат дека во одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран и сериозен криминал, поднеле кривична пријава против З.Н., во полициската станица од општа надлежност при СВР Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „одземање или уништување службен печат или спис“, казниво по член 390 од Кривичниот законик.

„Поднесен е и предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и изрече задолжителна мерка отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка“, се додава во соопштението на МВР.