Македонија Г.г. Стефан: Повикувам на единство меѓу нашиот народ

Г.г. Стефан: Повикувам на единство меѓу нашиот народ

Поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан, испрати велигденско послание по повод најголемиот христијански празник Велигден.

„Христовото воскресение е основа на спасението, тоа е најголемиот и најрадосен настан во историјата. И, ако има ден за радување меѓу сите денови – тоа е денот на Христовото воскресение, ако има празник над сите празнувања, тоа е празникот над празниците – Велигден“, стои во посланието.

Во денот, се вели во посланието, во кој човечкиот род премина од ропството на гревот во слободата на љубовта, во тој ден Богочовекот нè избави од смртта и ни дарува живот вечен.

„Годинава нашата радост е двојна: Во ова 2016 лето Господово, одбележуваме 1.100 години од блаженото упокојување на нашиот покровител и првоерарх на древната Охридски престол – свети Климент Охридски. Единаесет столетија тој молитвено се застапува за нас. Цели единаесет столетија ни ја сведочи незалезната светлина на светото Христово Евангелие, грижливо нè води и ни го осветлува патот кон царството на воскреснатиот спасител и Господ. И на овој голем ден, молитвено се обраќаме кон овој богоугодник од нашиот род – да испроси од човекољубивиот Бог разбирање и братска љубов меѓу нашиот православен народ. Нема поблагопријатно време и поблагословен ден од Велигден, па од името на нашата духовна мајка – Македонската православна црква, повикуваме на единство меѓу нашиот народ, трудејќи се да го запазиме единството на духот преку врските на мирот. Здобивајќи се со тој дар, ќе можеме мудро и незлобно да одговориме на сите предизвици што катадневно се испречуваат пред нас и да го почитуваме достоинството на другите, да се грижиме за доброто на секого и на сите околу нас“, вели г.г. Стефан во посланието.