Ctrl - Z Поетот Матеј Петров е победник на „Слем поетри Македонија“

Поетот Матеј Петров е победник на „Слем поетри Македонија“

На годинешниот слем, се претставија двесетина учесници од различни градови од земјава, кои настапија со свои поетски и прозни дела

Фото: Поетри слем Македонија

Слем-поетот Матеј Петров е победник на годинешното издание на „Слем поетри
Македонија“ – 2024, кое од 10 до 13 октомври по 14-ти пат се одржуваше во Прилеп.
Петров пред публиката настапи со песните „Слика“ и „Преку леб, погача“.

За гласовите беше задолжена петчлена жири-комисија, а со минимална разлика во гласовите со победникот, второто место го освои Виктор Спасески од Прилеп.
Третото место, според бројот на гласови, го поделија четири слем-учеснички.

Петров следната година ќе биде претставник на Македонија на Европското слем-
првенство.

На годинешниот слем, се претставија двесетина учесници од различни градови од земјава, кои настапија со свои поетски и прозни дела.

Неколкудневниот фестивал се отвори со изложба на мултимедијалниот уметник Владимир Лукаш, насловена „Hello Deadline, my old friend I’ve come to talk with you again“ во НУЦК „Марко Цепенков“.

Следните два дена, покрај поетските читања, се одржаа и промоции на четири книги поезија: „Јазик за двајца“ („Прозарт медиа“) од Пијан Славеј (Бранислав Николов), „Модра мрежа“ („ПНВ публикации“) од Марина Шокева, „Сега ти стануваш јас“ од Долорес Атанасова – Лори („Чудна шума“) и „Додека спиеш“ („Чудна шума“) на Биљана Стојановска.

Стихови читаа Ана Голејшка Џикова, Ѓоко Здравески, Игор Трпчески и многу други, а
специјална гостинка беше Шенон Саливан, која доаѓа од Берлин, и која пред публиката имаше фантастичен поетско-музички настап.

Саливан е членка на европската поетска платформа „Версополис“, а нејзината поезија е преведена на германски, француски, шпански, ерменски, словачки, холандски и италијански. Има настапувано на повеќе европски поетски фестивали.

Фото: Поетри слем Македонија