Економија Подобрување на патната инфраструктура бараат туристичките работници

Подобрување на патната инфраструктура бараат туристичките работници

Подобрување на патната инфраструктура, како и спречување на нелојалната конкуренција од поединци нерегистрирани за туристичка дејност или т.н. „човек-агенција“ во Струга и во Охрид, бараат туристичките работници во насока на подобрување на домашната туристичка понуда.

– За нас е приоритет изградбата на автопатот Кичево – Охрид за подобро инфраструктурно поврзување на Скопје и на Охрид. Но, за развој на бањскиот и еколошкиот туризам, исто така потребна е изградба на подобри патишта во Реканско, каде што има голем потенцијал за развој на туризмот – истакна Асим Меџедовиќ, член на Здружението на угостители и туризам при Стопанска комора.

Тој го истакна и проблемот со нелојалната конкуренција и нападното нудење на тури и на екскурзии од поединци кои не се регистрирани за туристичка дејност, а го уриваат имиџот на агенциите и на државата.

– Ова би можело да се надмине со заедничка координирана проверка на инспекциските служби на терен и со дејствување на МВР на местата каде што гравитираат туристите, а тоа се плоштадите, шеталиштата и хотелите – додава Меџедовиќ.

Туристичките работници го истакнаа како проблем и тоа што туристите кои транзитираат низ земјава нема каде да застанат и да одморат, бидејќи од една до друга граница нема доволно ресторани и места за одмор.

Апелираа да се подигне и свеста на населението и на надлежните институции за хигиената, бидејќи природата е загадена со депонии и тоа е нешто што странците го воочуваат.

Меџедовиќ ја истакна и потребата од квалификуван работен кадар со познавање на холандски јазик, бидејќи најголем дел од туристите ( околу 100.000) доаѓаат од Холандија.

Странските туристите најмногу биле задоволни од храната, природата, културно-историските споменици, а помалку од услугата и од туристичките водичи.

Во првите четири месеци, во земјава престојувале 172.684 туристи, што е за 14,4 проценти поголем број во однос на истиот период лани. Кај странските туристи има пораст од 12,5 проценти.