Македонија Поднесено обвинение против тројца за 14-годишното девојче што абортираше

Поднесено обвинение против тројца за 14-годишното девојче што абортираше

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска до надлежен суд поднело Обвинителен акт против три лица за сторено кривично дело „трговија со дете“. Иако Обвинителството во соопштението воопшто не наведе идентитети, од прикажаните факти е јасно дека станува збор за 14-годишната штитеничка од установата „25 Мај“, која била подведувана, а потоа и беше извршен абортус.

„Обвинителството утврди дека во период од почетокот на декември 2017 година до 06.02.2018 година, во Кавадарци, Радовиш, Штип и село Мислешево, струшко, првообвинетата, со употреба на сила, сериозна закана и измама ја искористила немоќта на детето кое немало наполнето 14 години. Обвинетата за паричен или друг надоместок ја превезувала, ја продавала, ја нудела на продавање, ја засолнувала и организирала присилен брак на детето. Другите обвинети, иако знаеле дека детето е жртва на трговија со луѓе, ја искористувале и овозможувале на друг повеќекратно искористување за сексуални услуги. Како резултат за злоупотребата, детето останало бремено и било принудено да ја прекине бременоста“, образложија од Обвинителството, појаснувајќи и дека до до судот доставило предлог за продолжување на притворот на тројцата обвинети.​