Македонија Поднесено обвинение против 18 лица за криумчарење луксузни автомобили

Поднесено обвинение против 18 лица за криумчарење луксузни автомобили

Меѓу обвинетите за криумчарење на возила со вредност од најмалку половина милион евра се и пет службеници во МВР кои помагале при изработување на незаконски регистарски таблички

Фото: Image by NoName_13 from Pixabay

Основното јавно обвинителство во Скопје соопшти дека поднело обвинение против 18 физички и едно правно лице за криумчарење на луксузни возила со со проценета вкупна вредност од над половина милион евра. Кривичните дела за кои се обвинети вклучуваат фалсификување исправи, компјутерски фалсификат, прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама, спречување докажување и злоупотреба на лични податоци.

Според обвинението, во периодот од август 2020 година до април 2022 година, обвинетите вршеле пренос преку царинска линија на непријавени стоки, односно на луксузни автомобили. Тие ја избегнувале царинската контрола и фалсификувале службени исправи. Потоа ги сокривале возилата и меѓусебно ги препродавале по неколкупати во краток временски период.

За прикривање на возилата обвинето и правно лице, односно авто-салон од Кочани.

Меѓу обвинетите може да се најдат и пет службени лица – референти за управни работи во МВР. Тие доставувале регистарски таблици и сообраќајни дозволи изработени спротивно на Законот за возила и со употреба на фалсификуваните документи.

Автомобилите се набавувале во различни европски земји и се внесувале во земјава со променети идентификациски броеви на шасиите и со фалсификувани документи за да им се прикрие потеклото. Најголем дел од возилата биле предмет на меѓународни потраги.

Надлежниот јавен обвинител препорача притвор за тројца од лицата, а за едно инволвирано лице постапката е прекината бидејќи е недостапен на органите на прогон.