Економија Поднесен предлог-закон за зголемување на платите во јавниот сектор

Поднесен предлог-закон за зголемување на платите во јавниот сектор

Водени од реалните потреби на вработените во јавниот сектор, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за подобра Македонија во Собранието поднесоа предлог-закон за зголемување на платите во јавниот сектор за пет проценти, изјави денеска на прес-конференција Зекир Рамчиловиќ, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека овој закон предвидува зголемување на платите во јавниот сектор за пет проценти во 2018 година и дополнително зголемување од пет проценти во 2020 година.

– Со овој предлог-закон се предвидува зголемување на платите на вработени во државната и во јавната администрација, значи здравство, образование, полиција, војска и јавни претпријатија. Истиот закон претставува изборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ и претставува реална потреба за вработените – изјави Рамчиловиќ.

Тој додаде дека од ВМРО-ДПМНЕ се задоволни што овој закон поминал на собраниската Комисија за труд и социјална политика, каде што добил поддршка и од пратеници кои не се дел од нивната коалиција.

– Предлог-законот наскоро ќе се најде и на собраниска седница и ВМРО-ДПМНЕ искрено се надева дека СДС ќе се надмине себе си и партиските интереси и ќе даде поддршка за истиот – нагласи Рамчиловиќ.