Македонија Поддршка од СТООН за развој на туризмот во Македонија

Поддршка од СТООН за развој на туризмот во Македонија

Министерот за економија, Беким Незири, кој е во официјална посета на Светската туристичка организација при Обединетите нации (СТООН) со седиште во Мадрид, денеска се сретна со генералниот секретар Талеб Рифаи. На средбата доби целосна поддршка за развој на туризмот во Македонија.

Првата посета на македонски министер на седиштето на Светската туристичка организација при ОН, од 1995 година, откако Република Македонија стана членка на оваа организација, Незири ја искористи за да ги презентира позитивните резултати од вложените мерки за развој на туризмот во земјава и планираните активности за оваа година.

– Податоците покажуваат дека константно се зголемува бројот на странски туристи, а со тоа и на вкупниот број на туристи и на ноќевања воопшто, па изминативе осум години зголемувањето е 98 отсто, а вкупниот број на туристи забележува пораст од 40 отсто. Успеавме да обезбедиме и зголемување на остварениот девизен прилив, кој во 2014 година изнесува 146 милиони долари и бележи зголемување за 7,25 отсто во споредба со претходната година – рече Незири.

Тој прецизира дека минатата година во туризмот се вложиле 2,3 проценти од вкупните инвестиции во земјава, а за годинава се очекува порастот на инвестициите да биде поголем за 10 проценти.

За време на работната посета на Светската туристичка организација при ОН, министерот Незири се сретна и со регионалната директорка за Европа, Изабел Гарана, како и со програмските директори за пазарни трендови во туризмот, одржлив развој, техничка соработка и статистика и за сателитска сметка за туризам.