Македонија Почнува кампањата „Слави со срце, не со оружје“

Почнува кампањата „Слави со срце, не со оружје“

Националната комисија за мало и лесно оружје во соработка со Министерството за внатрешни работи, УНДП и со Агенцијата за контрола на малото и лесно оружје во Југоисточна и во Источна Европа (SEESAC), од денеска ја почнува превентивната кампањата „Слави со срце, не со оружје“ во пресрет на новогодишните и на божиќните празници. Кампањата ќе трае до 15 јануари следната година.

„Акцијата, која ќе се спроведе на целата територија на Република Македонија во пресрет и за време на новогодишните и на божиќните празници има цел да ја зголеми свеста кај граѓаните за некористење оружје за време на претстојните прослави“, стои во соопштението на МВР.

Претседателката на Националната комисија за мало и лесно оружје и државен секретар во МВР, Сања Димитриевска, вели дека идејата на кампањата е да се допре до секој граѓанин со предупредување за опасноста од користење оружје.

Во рамките на превентивната акција, на официјалната фејсбук-страница на Националната комисија за мало и лесно оружје, ќе бидат поставени рекламни материјали со хаштаг „Кој го уби Дедо Мраз“.