Дописници Почнува изградбата на затворениот базен во Охрид

Почнува изградбата на затворениот базен во Охрид

По долги подготовки, почнува изградбата на затворениот базен во Охрид, кој истовремено ќе биде и најмодерно здание од ваков вид во Македонија. Вредноста на објектот е 298 милиони денари и рокот на изведба е 30 месеци од почетокот на работата.

Затворениот пливачки базен, чиј камен-темелник деновиве ќе се постави во Охрид, ќе има два базени, фитнес-клуб, продавница за спортска опрема, комерцијален простор, кафуле, центар за здрав живот и магацински простор.

Објектот ќе се гради по стандарди и со технологија за градење на базенски корита, а ќе биде и енергетски ефикасен, со инсталирана соларна опрема, како и геотермални пумпи, кои ќе го направат неговото користење зиме далеку поевтино.

Главното базенско корито ќе биде со димензии од 25 метри должина, со 33 метри ширина и со стандардна длабочина од 2 метри. Малото базенско корито, пак, ќе биде со димензии од 12,5 метри должина и 6,25 метри ширина. Длабочината ќе варира од 0,8 метри до 1,4 метри.
Објектот на затворениот пливачки базен ќе биде со приближен габарит од 50 метри на 60 метри и ќе зазема површина од околу 30.000 квадратни метри.

Во објектот ќе има трибини со капацитет поголем од 500 седишта, посебен простор за новинари, фоторепортери и камермани, како и ложа која ќе биде отворена и со можност за затворање во случај кога ќе треба да се користи, доколку во објектот престојуваат важни гости на спортски натпревари.