Македонија Почнаа подготовките за спроведување на референдумот во Центар

Почнаа подготовките за спроведување на референдумот во Центар

Андреј Жерновски, градоначалникот на Општина Центар, денеска до Државната и Општинската изборна комисија (Центар) испрати барање за спроведување референдум за Градскиот трговски центар. Во барањето пишува дека ДИК и ОИК  треба да го подготват и спроведат референдумот во согласност со законската регулатива. Од Општината велат дека ќе ги обезбедат сите потребни технички, просторни и други услови за работа.

Околу деталите за спроведувањето на референдумот, градоначалникот Жерновски  утре и задутре ќе се сретне со претседателот на ДИК, Никола Рилкоски, и со директорот на граѓанската асоцијација МОСТ, Дарко Алексов.

Референдумот ќе се спроведе во општина Центар на 26 април. Граѓаните ќе треба да одговорат на следното прашање: „Дали сте за тоа да се задржи автентичниот изглед на фасадата на Градскиот трговски центар – Скопје? “

Гласањето ќе биде со  заокружување на зборот „за“ или „против“.

Одлуката на референдумот ќе се смета за донесена ако за неа се изјасниле позитивно мнозинството од вкупниот број граѓани кои излегле на гласање, доколку гласале повеќе од половина од вкупниот број граѓани запишани во изводот од избирачкиот список во општина Центар. Одлуката донесена на референдумот е задолжителна.

Ако на референдумот се донесе одлука да се задржи автентичниот изглед на ГТЦ, Советот на Општина Центар е должен, во рок од 60 дена од објавувањето на резултатите на референдумот да донесе одлука за утврдување на изгледот на фасадата на ГТЦ.