Македонија Почна расчистувањето на насипите во Вардар кај галиите

Почна расчистувањето на насипите во Вардар кај галиите

Град Скопје денеска почна со расчистување на насипите и градежниот материјал во коритото на реката Вардар во центарот на Скопје, односно меѓу мостот Гоце Делчев и Камениот мост.

Активностите се со цел да се намали опасноста од излевање на реката Вардар при поголеми врнежи од дожд.

– Насипите и градежниот шут во Вардар ја намалуваат проточноста на водата, а со тоа сериозно се зголемува ризикот од поплави. Од тие причини, овие неколку дена екипи на ЈП „Улици и патишта“ ќе работат на расчистување на теренот, а истовремено му е наложено на градежното претпријатие „Бетон“, како изведувач на објектот „Панорамско тркало“, да го среди своето градилиште и да овозможи максимална проточност на коритото во делот на тој пешачки мост. Дождовите ја открија опасноста по безбедноста на граѓаните, нивните имоти и објектите околу Вардар која е предизвикана од проектот „Скопје 2014“. Акцијата ќе трае се до целосно расчистување на коритото – рече скопскиот градоначалник Петре Шилегов.