Дописници Почна асфалтирањето на првите пет километри од експресниот пат Штип – Радовиш

Почна асфалтирањето на првите пет километри од експресниот пат Штип – Радовиш

Почна асфалтирањето на експресниот пат Штип – Радовиш, а според најавите, патот во должина од 23 километри, се очекува комплетно да биде завршен до април 2021 година.

Асфалтирањето почнува по една и пол година од отпочнувањето на првите работи на овој пат. Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, при денешниот увид на терен, оцени дека овој пат е пример за тоа како треба да се гради.

-Проектот го воведовме со завршена експропријација од 99 отсто, завршени се законски неопходните археолошки испитувања, завршени се сите премостувања за ЕВН, Телеком. Финансискиот обем е реализиран со 52 отсто, физичкиот со 54, земјениот со 82, мостовите со 64 отсто – изјави Китанов.

Оваа делница е втората од експресните делници што се гради во источниот дел на државата, покрај експресниот пат Штип – Кочани. Патот кон Радовиш е проценето дека ќе чини 51 милиони евра, а според министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, е пат од значење за 170.000 жители од Југоисточниот регион и 12.000 компании.

Во овој дел од земјата се работи на неколку делници. Изминатиот период се рехабилитираше постоечкиот пат од Штип до Радовиш, патниот правец Радовиш-Подареш и патот кон Злетово, кај Пробиштип, а во тек се работите на обнова на патот Радовиш-Струмица и Струмица- граничен премин Ново Село.