Дописници Почина текстилна работничка во Штип

Почина текстилна работничка во Штип

Педесет и осумгодишна текстилна работничка од Штип почина на своето работно место во штипската компанија „Јагја Мезлер“.

Иако првично се шпекулираше дека топлото време е причина за смртта на Ленче Владикова, лекарите велат дека смртта настапила поради срцеви проблеми, кои таа ги имала подолго време. Техничкиот директор во турската компанија, Перо Димитров, вели дека работничката починала околу 9 часот, додека со двете нејзини колешки се подготвувале за појадок.

– Работничката со нејзините колешки отишла во гардеробата да си ја земе храната и кога почнале да го делат оброкот, одеднаш ѝ се слошило и, како што ми објаснија другите колешки, едноставно само се поднаведнала. Колешките ја придржале да не падне. Ја спуштиле на подот, а таа се онесвестила – раскажува Димитров.

Другите работниците веднаш повикале Итна помош, но лекарот само констатирал смрт кај работничката.

Во меѓувреме, екипата пружила помош и на другите работнички, на кои им се слошило од силниот шок. Раководството и работниците се вознемирени од несреќниот настан кој се случи во нивната фирма.

Техничкиот директор Димитров вели дека Владикова поради срцевите проблеми кои ги имала, работела само прва смена.

Раководството смета дека фабриката ги има обезбедено сите услови за заштита при работа.

Ова е прв случај годинава во штипска текстилна конфекција работничка да почине на работното место.

В.К.