Македонија Почетокот на судењето на Жан Митрев одложено за 12 мај

Почетокот на судењето на Жан Митрев одложено за 12 мај

Пред зградата на судот, десетина оштетени граѓани протестираа со транспаренти против Жан Митрев и неговата болница

Фото: Мета.мк

Судскиот процес против Жан Митрев и неговата приватна болница денеска беше одложен за 12 мај. Кардиохирургот со неговите бранители денеска беше присутен во судот, а причина за повторното одложување на судењето е тоа што одбраната не успеала да изврши увид во списите на предметот кои се во Апелацискиот суд.

Пред зградата на судот, десетина оштетени граѓани протестираа со транспаренти против Жан Митрев и неговата болница, на кои пишуваше: „Хемофилтрациите ги убија нашите најмили, бараме одговорност“ и „Профитер на грбот на болните од Ковид-19“. Кога Жан Митрев се појави пред судот, тие го исвиркаа.

Доколку на 12 мај почне судскиот процес, ќе треба да се дадат воведни зборови, а  Жан Митрев треба да се произнесе дали чувствува вина.

Жан Митрев и неговата клиника се товарат за измама оти ги држеле во заблуда пациентите со прикривање факти во однос на лекувањето од ковид-19 со хемофилтрации.

Инаку, истрагата беше отворена по допрен глас откога Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) го објави истражувањето „Нечиста крв“ за пациентите од болницата. Скопското јавно обвинителство пак во јануари годинава поднесе обвинение.

Обвинението против Митрев се однесува на прикривање клучни факти за хемофилтрацијата – метод кој бил прикажуван дека е алтернатива за лекување ковид-пациенти, иако не смеел да го прави тоа. Обвинителството тврди дека на пациентите и нивните роднини не им била прикажана целосната слика за методот на хемофилтрација и дека биле доведени во заблуда.