Главна секција По вчерашните тензии, денеска нема седница, координаторите се договараат како понатаму

По вчерашните тензии, денеска нема седница, координаторите се договараат како понатаму

Собранието на Република Македонија ја одложи шестата седница на чиј дневен ред се предлог-одлуката за давање согласност на општите акти на Народниот правобранител, како и разрешувањето на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски. Седницата, како што информираат собраниските служби, наместо за денеска во 11 часот е презакажана за понеделник во истото време.

Координаторот на една од десетте пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ кои беа формирани вчера, Илија Димовски, за „Мета“ изјави дека пратеничките групи се на координација за надминување на тензиите во законодавниот дом.

– Во моментот сме на координација заедно со пратеничките групи на СДСМ и на ДУИ затоа што вчерашната седница заврши многу тензично. Добро е што претседателот Џафери не ја закажа новата седница и даде можност да се смират тензиите и дополнително да се договориме – изјави Димовски.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, вчера ја прекина седницата откако пратеникот Димитар Стевананџија, претставувајќи се како координатор на една од десетте пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ, побара пауза од 60 минути.

Пред завршувањето на седницата, собранискиот спикер Џафери рече дека тоа што го прават пратениците на ВМРО-ДПМНЕ е очигледно злоупотреба на актите и дека граѓаните лесно ќе сфатат што, всушност, се случува.

Според собранискиот деловник, координаторите на пратеничките групи имаат право на дискусија од 15 минути и да побараат процедурална забелешка уште три минути. Исто така, секој координатор на пратеничка група има право да побара еден час пауза во текот на денот.