Дописници По стотици повреди, мразот е исчистен од битолските улици

По стотици повреди, мразот е исчистен од битолските улици

По фрапантаната бројка од речиси 150 повредени битолчани поради лизгање на мраз и десетици скршеници и операции на раце и на колкови, јавните претпријатија во Битола со вонреден ангажман викендов ги исчистија тротоарите и пешачките премини од мразот.

ЈП „Комуналец“ од петокот до вчера во доцните попладневните часови ги расчистуваше тротоарите и споредните улици од мразот.

– Се работеше вонредно и брзо бидејќи следуваа нови најави за врнежи од снег. Мразот е исчистен од тротоарите, пешачките премини и од парковите, бидејќи новиот снег можеше да ги замаскира овие површини, па да настанеа поголеми проблеми – вели Зоран Соклевски, директор на ЈП „Комуналец“ од Битола.

Ноќеска во градот под Пелистер наврнаа околу 15 сантиметри снег, а од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека нема пријавено проблеми во ниту едно населено место.

Од ЈП „Нискоградба“, кое е задолжено за чистење на патиштата, велат дека сите улици од прв и од втор приоритет се проодни.

– Уште во претпладневните часови ќе работиме да го исчистиме снегот и по улиците од трет приоритет. Ноќеска на патиштата и на улиците околу и во градот се фрлени 18 тони сол и 14 кубни метри ризла. Состојбите со новиот снег се под контрола – вели Кире Крстевски, директор на ЈП „Нискоградба во Битола“.

А.Б.