Македонија По повод 8 Септември, зградата на Владата беше осветлена со празнични бои

По повод 8 Септември, зградата на Владата беше осветлена со празнични бои

Осветлувањето е дел од одбележувањето на Денот на независноста - 8 Септември, кој годинава се чествуваше со свечености и активности на повеќе локации низ државата

Фото: Влада на РСМ

Во рамки на одбележувањето на Денот на независноста – 8 Септември, вчеравечер, дел од државните институции беа „обоени” во празнични бои.

„Со првиот мрак, врз зградата на Владата на Република Северна Македонија започна да се емитува видео-арт перформансот „Црвено“ на македонскиот визуелен уметник Емил Петро, којшто се повторуваше до зори. Со специјални светлосни тела врз ѕидините на скопското Кале беше испишан слоганот „8 Септември – Гласник на слободата“, а целата тврдина блесна во специјално празнично осветлување“, велат од Владата.

Фото: Влада на РСМ

Осветлувањето е дел од одбележувањето на Денот на независноста – 8 Септември, кој годинава се чествуваше со свечености и активности на повеќе локации низ државата.

Како дел од годинешното одбележување на празникот, беше одржана Свечена академија „32 години независност“, а во Градскиот парк во Скопје се организираше богата културно-уметничка програма, проследена со тактичко показни вежби на единиците на Армијата на Република Северна Македонија и на Министерството за внатрешни работи.

Во текот на денот, на истата локација, пред посетителите беа презентирани серија спортски активности организирани во соработка со Агенцијата за млади и спорт.

Во текот на вчерашниот ден во целата држава се реализираше културната манифестација „Отворен ден за граѓаните“, во чии рамки граѓаните имаа можност бесплатно да ги посетат културните установи, музеи и галерии во целата Република.