Култура По 27. пат „Поетска ноќ во Велестово“

По 27. пат „Поетска ноќ во Велестово“

На 14 и на 15 август, во охридското надерзерско планинско село Велестово, по 27. пат, ќе се одржи манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“.

Годинава, манифестацијата е посветена на поетското творештво на Веле Смилевски, за кого ќе беседат Санде Стојчевски и Раде Сиљан. Стихови ќе читаат членови на Независната аматерска театарска група „Аматер“ од Охрид.

Традиционално, покрај поетскиот портрет на наш истакнат поет, се одржува и ликовна изложба, овојпат на Литов Намдаг Јанчивин од Монголија, кој во моментов е почесен конзул на Монголија во Македонија.

На вториот ден од манифестацијата, ќе биде промовиран зборникот „Меѓу две неба, песни за Велестово“, во кој се поместени педесетина песни посветени на Велестово од различни автори. На промоцијата ќе гостуваат автори од Бугарија, Црна Гора и од Македонија.

Во изминативе две ипол децении, на манифестацијата во Велестово е претставено творештвото на познати македонски поети, меѓу кои Анте Поповски, Гане Тодоровски, Патре М. Андреевски, Матеја Матевски, Богомил Ѓузел, Радован Павловски, Никола Маџиров и Владимир Мартиновски. Од сликарите, пак, се претставиле Вангел Наумовски, Боро Митриќевски, Сергеј Андреевски, Глигор Чемерски, Владимир Георгиевски, Газанфер Бајрам, Славко Упевче и други.