Македонија Пломп: Неделите што следуваат се клучни за Договорот од Пржино

Пломп: Неделите што следуваат се клучни за Договорот од Пржино

„Сè уште е рано да се прават процени за резултатите од Пржино. Направени се некои многу важни чекори, но има и сериозни одложувања“, порачува амбасадорот на Кралството Холандија, Ваутер Пломп, во интервју за „Утрински весник“.

Според амбасадорот Пломп, некои од прашањата, како што се медиумите и избирачкиот список, до вчерашниот ден не беа решени. Тој ја поздравува одлуката на опозицијата да продолжи да учествува во Владата и во политичките работни групи, бидејќи, како што вели, со тоа се овозможува инклузивен и континуиран процес кон постигнување договор за неопходните реформи.

Амбасадорот Пломп смета дека неделите што следуваат се од клучна важност.

– Останува да се спроведат многу важни обврски, како што се избирачкиот список и обезбедување поголема рамноправност во медиумската сфера. Очекуваме дека сите политички партии ќе стојат на преземените обврски и ќе соработуваат конструктивно, во насока на целосно спроведување на Договорот од Пржино. Ова вклучува решавање на преостанатите прашања преку еден инклузивен процес и преку компромис и обезбедување на неопходната поддршка на Државната изборна комисија, што на крајот ќе обезбеди учество и доверба во избирачкиот процес и во самите избори од сите партии и, што е најважно, од граѓаните – вели Пломп.

Тој вели дека целосното спроведување на Договорот од Пржино подразбира и слободни и правични избори во целосна согласност со европските стандарди, како и дека дополнителното оценување, што беше најавено, ќе покаже дали условите за одржување на такви избори се исполнети.

Во првите шест месеци од годинава Холандија е претседавач со Советот на ЕУ. Еден од приоритетите за претседателствувањето е владеењето на правото во земјите-членки.

– Европската унија е изградена на заеднички вредности. Членството во унијата не носи само придобивки, туку и одговорности. Една од најважните обврски на секоја земја-членка е почитувањето на фундаменталните вредности на Унијата, а особено владеењето на правото, демократијата и на основните човекови права. Ова се постојани предизвици со кои владите мораат да се справуваат. Тоа значи и дека се стремиме кон отворени дискусии за најдобриот начин на кој можеме да ги заштитиме тие вредности во времиња на промени – заклучи Пломп.