Македонија Петти ден штрајк на новинарите во МПМ

Петти ден штрајк на новинарите во МПМ

Со симболично делење на јубилејниот петилјадити број на весникот „Вест“ од страна на штрајкувачкиот одбор на „Вест“, „Утрински весник“ и на „Дневник“, денеска се одбележа петтиот ден од штрајкот на новинарите и на медиумските работници во редакциите на „Медиа принт Македонија“.

Од Самостојниот синдикат на новинари велат дека прекинот на работата заради неисполнетите барања за плата и за хонорари продолжува, но и дека продолжува и нивната подготвеност за конструктивна комуникација.

ССНМ и штрајкувачките одбори уште еднаш истакнуваат дека станува збор за легитимна акција која не е со цел да се наруши угледот на весниците ниту на МПМ.

„Во заеднички интерес на сите е опстанокот и успешно работење на брендовите во чие градење многумина кои денес штрајкуваат се вклучени со сиот свој професионален и човечки капацитет. Mенаџментот упорно одбива средба со претставниците на штрајкувачкиот одбор. Тензиите се зголемуваат. Со тоа и неизвесноста. Зголемувањето на времетраењето на штрајкот е директен резултат на однесувањето на менаџментот“, велат од ССНМ.

Новинарите и медиумските работници денеска добија поддршка и од прогреснивните синдикати на УПОЗ, СИЕР, АГРО и на СУДКОС.