Македонија Петровска: Доброволните пожарникари ќе бидат вклучени во реформираниот систем за кризен менаџмент

Петровска: Доброволните пожарникари ќе бидат вклучени во реформираниот систем за кризен менаџмент

Вие дури и во овие денови кога се подготвувавте за конференцијата бевте да гаснете пожари во околината на Велес и Свети Николе и благодарение на брзата реакција беше спречено нивно проширување и поголема катастрофа, им рече Петровска на доброволните противпожарни друштва

фото: Министерство за одбрана

Пожарникарите-доброволци се повеќе од хумани, храбри и несебични. Борбата со природните непогоди – вклучувајќи ги и пожарите – е можна само ако сме заедно, добро координирани и подготвени, истакна денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска на затворањето на конференцијата за развој на мрежа на доброволни противпожарни друштва во Северна Македонија.

Зборувајќи за местото и улогата на доброволните противпожарни друштва и нивниот развој во силна стабилна и одржлива мрежа, Петровска посочи дека еден од приоритетите на Министерството за одбрана е реформа на системот за кризен менаџмент и цивилна заштита, со која ќе бидат надминати сите слабости, а доброволните пожарникари ќе го добијат статусот што го заслужуваат.

„Една од моите најсериозни заложби како министерка е и реформата на системот за кризен менаџмент и цивилна заштита, а една од целите на реформата е токму доброволните противпожарни друштва, доброволните друштва вклучени во цивилната заштита и управувањето со кризи, да бидат препознаени и потпомогнати од системот, како двигатели на цивилната заштита и најдобри познавачи на своите локални заедници“, кажа Петровска.

Сите заедно, со добра координација и подготовка, можеме да спасиме човечки животи, да спречиме материјална штета или да превенираме поголема економска катастрофа, рече министерката.

„Вие дури и во овие денови кога се подготвувавте за конференцијата бевте да гаснете пожари во околината на Велес и Свети Николе и благодарение на брзата реакција беше спречено нивно проширување и поголема катастрофа“, им рече Петровска на доброволните противпожарни друштва.

На конференцијата беа споделени позитивни практики од Австрија, Словенија и Хрватска во доменот на правните можности и местото и улогата на доброволните пожарникари во системот на локална и централна противпожарна заштита.