Хроника Петмина повредени во два инциденти во Скопје

Петмина повредени во два инциденти во Скопје

Пет лица се повредени во два инциденти што ноќеска се случија во Скопје, едниот на плоштадот Македонија и другиот на улицата Никола Парапунов во населбата Карпош 4, информира Министерството за внатрешни работи (МВР).

Првиот инцидентот, во кој од страна на повеќе непознати лица физички биле нападнати Б.И. (20), М.А. (23) и уште едно 14-годишно момче, се случил околу 23 часот на плоштадот Македонија. Според полицијата, кај нападнатите биле констатирани телесни повреди. Дваесетгодишниот Б.И. бил пренесен во Ургентниот центар, а другите две лица во Градската хируршка клиника „Св. Наум Охридски“, за укажување лекарска помош.

Другиот инцидент бил регистриран петнаесетина минути по полноќ на улицата Никола Парапунов. Според полциијата, неколку непознати лица физички ги нападнале Н.И. (24) и Џ.И. (24), двајцата од Велес. Тие со тврди предмети го оштетиле возилото на велешаните и потоа побегнале од местото.

Двете лица биле пренесени во Градската болница „8 Септември“, каде им била укажната лекарска помош.

Од МВР велат дека полициски екипи преземаат мерки за откривање на напаѓачите и за расчистување на случајот.

Дел од медиумите пренесуваат дека инцидентите наводно биле предизвикани од навивачка група.