Македонија Пет училишта се приклучуваат на иницијативата за инклузивно образование

Пет училишта се приклучуваат на иницијативата за инклузивно образование

Основните училишта „Кирил и Методиј“ од Македонска Каменица, „Видео Подгорец“ од Струмица, „Александар Здравковски“ од Јегуновце, „Васил Главинов“ од Велес и „Коле Канински“ од Битола се приклучија на постојната мрежа на училишта кои вклучуваат и обезбедуваат поддршка за учењето на деца со попреченост, како и на сите други деца со посебни образовни потреби.

Наставниците и директорите на петте училишта, заедно со претставниците од Бирото за развој на образование, Државиот просветен инспекторат и Ресурсниот центар на родители, денеска заедно учествуваа на првата од серијата обуки за инклузивно образование.

Програмата за инклузивно образование, поддржана од УНИЦЕФ, е направена за да го смени начинот на кој се гледа на децата со попреченост, истакнувајќи ги нивните способности и обезбедување на нивно целосно учество во текот на наставата во училницата, но, исто така, и во училиштето и во животот во заедницата.

– Инклузијата значи многу повеќе од интегрирање на децата со попреченост во редовните училишта. Инклузијата значи дека училиштата треба да им помогнат на сите деца, вклучувајќи ги и децата со попреченост, да стекнат компетенции и вештини, како и способност да водат исполнет и независен живот – рече Нора Шабани, специјалист за образование од УНИЦЕФ.